Во денешно време, многу е тешко да се замисли животот без Интернет. Го користиме за: купување, комуникација со пријателите на другата страна од светот, гледање филмови... Интернетот, покрај сите овие предности на модерното живеење носи и свои ризици. Не постои единствен и најдобар начин за заштита од измамници на Интернет, но со следниве едноставни совети ќе ви помогнеме да ја подобрите Вашата безбедност и безбедноста на Вашите податоци додека се „онлајн“
Не внесувајте доверливи/осетливи податоци кога користите јавни компјутери. Никогаш не се знае дали се заштитени од вируси, тројански коњи и останат злонамерен софтвер. Заштитете го својот компјутер/телефон/таблет од љубопитни очи. Водете сметка кој би можел да ја види содржината на вашиот екран или тастатурата, особено пред да внесувате осетливи податоци од типот на е-маил адреси, кориснички имиња, лозинки...
Производителите на софтвер постојано вложуваат напори за подобрување на безбедноста на нивните производи. Затоа, за подобра заштита од напади, секогаш трудете се да ја користите последната софтверска верзија. Ова е од особено значење кај антивирусните програми.
Секогаш имајте инсталирано антивирусен софтвер. Исто така, од особена важност е да имате Firewall на Вашиот компјутер, за заштита додека сте на Интернет. Кај Windows базираните компјутери, активирајте го барем вградениот Windows Firewall и при поврзување на мрежа, одберете го соодветниот тип на истата (домашна мрежа или јавна мрежа). Користете ја опцијата за антивирусна заштита на вашиот е-маил сервис, доколку ја поддржува. Секојдневните работи на Вашиот компјутер извршувајте ги со корисник кој нема администраторски привилегии.
Еден од најчестите начини на кои се шират компјутерските вируси е преку документи прикачени на е-маил пораки. Бидете претпазливи при отворање на истите. Проверете дали е од испраќач кој го познавате и/или во контекст кој го очекувате. Слично е и со преземањата. Доколку страницата не ви изгледа доверлива, не преземајте ништо од таму.
Препорачливо е секогаш да користите лозинки за заштита на вашиот компјутер (а со тоа и вашите податоци) од неовластен пристап. Изберете безбедна лозинка која e не е тривијална за погодување. Сите популарни оперативни системи имаат можност за автоматско заклучување после одреден период на неактивност. За продолжување со работа, потребно е да се внесе лозинката. Изберете период на заклучување кој не е премногу долг и одговара на вашите потреби. Препорачливо е тоа да биде помеѓу 5 и 15 минути. Исто така, можно е да се иницира моментално заклучување на компјутерот, без да се чека периодот на неактивност. Кај Windows оперативните системи, тоа е прави со притискање на Ctrl-Alt-Del и избирање на опцијата „Lock Workstation“/„Заклучи“ или директно со Win+L.
Препорачливо е да се исклучат сите безжични мрежни интерфејси кои во моментот не ги користите. Доколку не сте дома подолго време, исклучете ја WLAN опцијата на нашиот домашен рутер. Некои модели имаат надворешно копче со ваква функционалност. Алтернативно, доколку има и други корисници на Вашата мрежа, исклучете го барем WLAN приемникот на Вашиот компјутер. Bluetooth функционалноста вклучувајте ја само кога ја користите. Исто е и со WLAN и Bluetooth функционалностите на вашиот паметен телефон или таблет уред. Не заборавајте да ја заштитите Вашата WLAN мрежа со безбедна и нетривијална лозинка.
Заштитете ги Вашите податоци со редовно правење на резервни копии од важните податоци. Користете надворешни мемориски уреди (CD-ROM/DVD, надворешни дискови или USB мемории) или некој онлајн сервис за чување податоци.
Колку подобра лозинка, толку подобра заштита
Прво и основно правило при избор на лозинки: Не користете како лозинка термин кој Ви е близок и е дел од вашиот живот, како што се имиња и презимиња на членови на семејството, датуми на раѓање, имиња на миленичиња како и зборови изведени од вакви термини. Како до ваква лозинка? Еве еден едноставен трик: Изберете една реченица која лесно ќе ја запамтите. Може да е нешто што во моментов го гледате или наслов на книга, стих од песна, било што. На пример реченицата „Секое утро купувам ¼ бурек со месо, а во петок баничка со спанаќ“ може да се претвори во лозинка на релативно едноставен начин. Со комбинирање на првите букви или слогови на зборовите од реченицата, како и со употреба на бројки и големи букви може да се добие, на пример, Suk14bsmavPetbss. Алтернативно, со поинаков пристап, користејќи цели зборови може да се добие SekoeUtroKupuvam1/4Burek. Дури, доколку системот на кој се најавувате поддржува, може зборовите да се одделат и со празно место. Двете лозинки се комплексни: долги се, користат големи букви,м мали букви и бројки или специјални знаци, а притоа се релативно лесни за памтење.
Второ правило при избор на лозинки: Колку подолга лозинка, толку подобра лозинка. Експертите препорачуваат минимум 8 знаци и користење на комбинација на големи и бали букви и бројки или специјални знаци.
Користете посебни лозинки за секоја намена. Безбедноста на Вашата лозинка не зависи секогаш само од вас, туку и од безбедноста на сервисите кои ги користите. Доколку Вашата лозинка на некој сервис е компромитирана, а користите иста лозинка секаде, ефективно Ви се компромитирани СИТЕ лозинки.
Чувајте ги Вашите лозинки на безбедно. Некаде каде што само Вие имате пристап. Најбезбедно место им е во вашата глава. Најнебезнедно е некаде на post-it ливче на мониторот или снимени во вашиот Интернет прегледувач. Доколку сепак мора да ги запишете некаде, користете наменски програми за оваа намена (Password Safe, Keypass, 1Password и други).
Менувајте ги лозинките. Периодичната промена на лозинките го намалува ризикот од злоупотреба на вашите податоци. Експертите препорачуваат промена на секои 3 до 6 месеци.
Комплексноста на лозинките треба да се бира согласно на намената. Лозинката за риболовниот форум нема иста тежина со лозинката за пристап до Вашата банкарска сметка или Вашиот е-маил. При изборот на лозинка, период на промена и начин на користење, секога водете се од потенцијалните последици во случај истата да Ви биде компромитирана.
На што треба да внимавате кога пазарувате на Интернет
Како и кај традиционалното пазарување, купувајте кај трговци на кои им верувате. Пред да се впуштите во Интернет трансакција, распрашајте се кај пријателите за нивното искуство кај одреден трговец, проверете на неговата репутација по форумите и слично.
Проверете дали Интернет продажното место користи безбеден начин за пријава и регистрирање на плаќањето. Доколку адресата почнува со https:// (наместо со http://, како на пример https://moj.telekom.mk), трговецот користи безбеден начин на поврзување.
Секогаш кога сакате да посетите некоја Интернет продавница, впишете ја адреса рачно или користете обележувач (bookmark) кој Вие сте го поставиле. Проследување на врски од е-маил пораки или од резултати при пребарувања можат да ве однесат на лажни страници чија цел е да ги украдат Вашите лични или финансиски податоци.
Лозинката за пристап до Интернет продавниците треба да се користат само за едно нешто, најава на системот на продавницата. Респектабилен онлајн сервис никогаш нема да Ви ја побара лозинката по е-маил или телефон. Доколку сепак добиете такво барање, најверојатно се работи за лажно барање или т.н. Phishing напад.
Како да ги заштитите податоците на Вашите паметни уреди
Паметните мобилни телефони и таблет уреди се сѐ по присутни. Нивната масовна употреба е мотив тие да станат цел на вируси и останат злонамерен софтвер.
Основните концепти кои важат кај компјутерите се применливи и тука:
Што кога ќе го замените телефонот со нов? Стариот најчесто завршува во фиока, а може да се подари или продаде на роднини, пријатели, па дури и на непознати. Дури и да заврши во фиока, препорачливо е податоците на него да се избришат.
Наједноставен начин да ги избришете сите податоци од телефонот е да го вратите на фабричките поставки. Не заборавајте да ја извадите и избришете и мемориската картичка (доколку ја има).
При инсталирање на апликации на Андроид базирани уреди, добивате информација до кои податоци истата има потреба да пристапи. Најголемиот дел од апликациите имаат потреба од Интернет пристап и истото ќе го видите при инсталација. Некои апликации побаруваат пристап и до други типови на податоци како што се Вашиот адресар, листата од повици или локациските податоци. iOS базираните уреди, во рамките на системските подесувања, нудат можност да дозволите, или не, на одредени апликации пристап до локациските податоци.
Водете сметка кога некоја апликација побарува специјални привилегии за пристап до одредени податоци (како на пример телефонскиот именик и слично), бидеќи истите можат да бидат испратени до трети страни. Прочитајте ги политиките за приватност или корисничкиот договор на апликацијата и на производителот. Таму би требало да има објаснување зошто и како се користат податоците до кои апликацијата има пристап. Доколку овие објаснувања не соодветствуваат со намената на апликацијата, немојте да ја инсталирате.
Водете сметка за скриените трошоци при користење на одредени апликации преку опциите за докупување на додатоци во рамките на самата апликација или преку системите за претплата.
Секогаш кога користиме Интернет, оставаме траги од нашите активности во форма на „колачиња“ (cookies), привремени Интернет датотеки, идентификатори на прелистувачот, Flash објекти, снимени лозинки и слично. Некои од овие се чуваат на Вашиот уред, некои на сервисите кои ги пристапувате, а некои и на двете мета. За да си ја сочувате приватноста, препорачливо е повремено да ги избришете овие траги.
„Колачињата“ преставуваат мали датотеки, кои преку Интернет прелистувачот, се снимаат на Вашиот компјутер од страна на страниците кои ги посетувате. Наменети се за зачувување на Вашите податоци и подесувања на истите. Од потрошувачки кошнички, преку подесувањата за изглед и јазик на одредена страница, па сѐ до податоците за најава. Преку користење на овие „колачиња“ Интернет огласувачите можат да ги следат Вашите активности на Интернет, со цел да ви сервираат реклами соодветни на Вашите интереси. Модерните Интернет пребарувачи, Internet Explorer, Firefox, Opera и Chrome, имаат опции и додатоци кои Ви овозможуваат контрола над тоа кои сѐ страници, какви „колачиња“ имаат за Вас, како и можност истите да ги прифатите или не.
Со користење на различни пребарувачи, за различни намени, може да формирате различни виртуелни онлајн идентитети. На пример, еден за вашите службени потреби, друг за приватните.
Освен додатоците на пребарувачите, постојат и специјализирани софтверски алатки кои Ви помагаат да ги идентификувате и избришете трагите од Вашиот Интернет идентитет. Вакви софтвери се, на пример, Spybot Search&Destroy (https://www.safer-networking.org/mirrors/) или Ccleaner (http://www.piriform.com/ ccleaner/download/standard).
„Лов“ на Вашите податоци (е-маил адреси, лозинки, лични податоци) со помош на лажни е-маил пораки и страници.
Терминот Phishing е кованица од англиските зборови password (лозинка) и fishing (риболов), кој означува стратегија која ја користат Интернет измамниците со цел да стигнат до Вашите осетливи податоци. Тие користат лажни е-маил пораки и поставуваат лажни страници на Интернет, со цел да Ве натераат да ги внесете Вашите податоци на лажните страници, кои наликуваат на вистински страници на банки, социјални мрежи и други компании. Советите во продолжение ќе Ви помогнат да ги идентификувате и избегнете стапиците кои тие ги поставуваат.
Доколку добиете порака која се претставува дека е од техничка поддршка од компанија или Интернет сервис кој Вие не го користите, голема е веројатноста дека се работи за лажна порака. Доколку сепак сте корисник, постојат други знаци дека се работи за лажна порака:
Доколку се сомневате дека некоја порака е лажна, контактирајте ја компанијата преку телефон или е-маил, и побарајте верификација. Користете контакт информации објавени на официјалните Интернет страници на компанијата. За пристап до официјалната страница, не проследувајте врски од пораката, туку рачно впишете ја адресата во Интернет пребарувачот.
Социјалниот инженеринг е техника со која се користат измамници, со цел да добијат пристап до Вашите податоци или до Вашите финансии. Ја користат измамници на Интернет како и вон него. Се базира на злоупотреба на позитивните карактерни особини нормалните човечки реакции како што се солидарност, сожалување, паника, однос кон авторитет и слично. Измамниците се најчесто информирани за елементи од личниот или професионалниот живот на жртвата. Токму поради ова, ваквите измами се понекогаш тешки за препознавање.
На што треба да внимавате при користење на социјалните мрежи
Социјалните мрежи се Интернет сервиси кои нѝ помагаат да останеме во контакт со роднините, пријателите од училиште, колегите од поранешните работни места… Доколку не внимаваме како ги користиме, може да откриеме детали од личниот и професионалниот живот на лица на кои не требало и не сме сакале. Овие детали можат да им помогнат на разни измамници и да ги искористат против Вас или некој Ваш близок.