Во денешниот поврзан свет исклучително е важна одговорноста. Одговорност која оди чекор понапред од креирањето супериорна инфраструктура. Одговорност за одржливост и чување на природните ресурси, одговорност за намалување на дигиталниот јаз и еднакво дигитално општество. Одговорност за заедничка одржлива иднина.
Со ознаките #GreenMagenta и #GoodMagenta Дојче Телеком ја потенцира и обележува одговорноста кон животната средина и општеството.
#GreenMagenta се користи за продукти, проекти, мерки и иницијативи кои носат позитивна промена за намалување на климатските промени и одговорно користење на ресурсите. Овие ознаки ги носат исклучителни иницијативи од целата групација.
#GoodMagenta е за иницијативи кои носат позитивни промени во дигиталниот свет и влијаат на намалување на дигиталниот јаз. Во овој контекст особено е важно креирањето на подобар и побезбеден интернет простор.
Green magenta
Goodmagenta
Како дел од Дојче Телеком групацијата посветени сме на намалување на штетното влијание врз природата во нашата секојдневна работа и преку поттикнување зелени иницијативи. Климатските промени нè засегаат сите и имаме заедничка одговорност да направиме разлика. Циркуларната економија е наша стратешка определба, а еден од главните елементи на циркуларната економија е намалување на електронскиот отпад и повторна употреба на материјалите од старите мобилни телефони.
Македонски Телеком, заедно со останатите европски подружници на Дојче Телеком, е вклучен во еко-иницијативата за намалување на електронскиот отпад преку собирање стари електронски уреди и инвестирање во обновување на природните живеалишта во Европа.
Нашата локална акција за намалување на електронскиот отпад која ја носи ознаката Green Magenta почна пред две години и сè уште трае. Во сите наши продавници, во партнерство со „Нула Отпад“ се собираат стари мобилни телефони. За да ги поттикнеме корисниците да се вклучат во оваа иницијатива, за секој стар уред, добиваат попуст за купување нов паметен телефон. Во моментот, попустот се однесува на купување нов T Phone. На овој начин и корисниците активно учествуваат во заштита на животната средина. Досега се собрани над 15 000 стари електронски уреди, а акцијата сè уште трае.
Целта на оваа иницијатива е сите заедно да дејствуваме за намалување на штетните влијанија врз природата и да создадеме поздрава животна средина и подобра иднина за сите.
Како креатори на дигиталната иднина наша задача е да влијаеме и на креирање на нејзината етика. Говорот на омраза на интернет е еден од најголемите предизвици денес кој ги допира сите, особено младите. Како генерација која поминува најмногу време онлајн тие се најизложени на говор на омраза и врсничко онлајн насилство. Според истражувањето на UReport, дури 24% од младите кои имаат пристап до интернет барем еднаш се почуствувале небезбедно онлајн во последната година.
Станува збор за феномен на современото општество кој предизвикува сѐ поголема загриженост и проблеми за младите, но и за нивните родители, старатели и воспитувачи. А ние имаме одговорност да направиме позитивна промена, да учествуваме во создавање безбеден интернет простор.
Нашиот мотив е безбеден интернет и што повеќе млади да се борат против насилството и да поттикнуваат креативна и позитивна енергија онлајн. А на младите најмногу им значи мислењето на нивните врсници. Затоа начинот на кој една иницијатива ќе има најмногу влијание е да биде водена преку младите, тие да бидат креатори, учесници и лица на кампањата. Така ја создадовме младинската иницијатива: Заедно за интернет без омраза со која активно ги вклучуваме младите, им даваме глас, алатки, знаење да се борат за интернет без омраза и самите да бидат носители на промената. Иницијативата е дел од долгогодишното партнерство помеѓу Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ чија цел е да ги вклучи децата и младите во справувањето со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација.
Иницијативата почна со отворен повик до децата и младите од земјата за вклучување во работилници за креирање кампања за безбеден интернет. За време на работилниците 30 деца и млади учествуваа во групни креативни сесии за конципирање кампања и развој на пораки. Младите научија повеќе за врсничкото онлајн насилство, како да го препознаат и спречат, ги дефинираа целите за промена на однесувањето и работеа на наратив. Преку заедничко креирање со психолози, креативни експерти и експерти за комуникација, тие работеа на план и концепт за кампањата, креирање видеа и други комуникациски материјали. Тие разговараа за проблемите и нивното решавање, учеа и работеа заедно со професионалци, заедно создаваа видеа, глумеа, беа режисери и се дружеа.
Под слоганот „За булингот крај, бај-бај“, кампањата вклучува над дваесет видеа за социјалните медиуми. Некои вклучуваат пораки како „Зборовите имаат тежина, затоа бирајте ги внимателно“ за да го насочат вниманието кон штетните влијанија на сајбер-булингот. Други вклучуваат пораки коишто ги повикуваат самите млади луѓе да не бидат пасивни набљудувачи и да понудат поддршка доколку се сведоци на сајбер-булинг. Кампањата започна на социјалните медиуми на Меѓународниот ден за борба против говорот на омраза. Страста, посветеноста и креативноста на младите луѓе кои работеа на оваа кампања јасно се гледа од крајниот производ. Горди сме на нивното постигнување и веруваме дека ќе влијае позитивно на многу други млади луѓе.