Заокруживме уште една успешна година, обележана со раст и развој, иновативни и револуционерни решенија, рекордни резултати за квалитетот на мрежата и нови технологии коишто ќе обезбедат уште подобро корисничко искуство.
Во 2024 година, добивме уште една потврда за квалитетот и брзината на мрежата - ја добивме престижната награда Ookla® за најдобра мрежа на територијата на Македонија. Резултатите покажаа најголема брзина на мобилната и на фиксната мрежа и најдобар квалитет на мобилната мрежа во првата половина на 2024 година. Супериорниот статус на мрежата беше докажан и со второто големо признание, овој пат добиено на локално ниво. Според мерењата на квалитетот на мобилните мрежи на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), мрежата на Македонски Телеком се најде на првото место со 637,7 поени, што е највисок резултат во Македонија за изминатата година.
Како што доаѓаат новите технологии, така старите излегуваат од употреба и заминуваат во историјата. Телеком е првиот македонски оператор којшто, во април минатата година, ја деактивираше 3G технологијата. Ова го направивме со цел да го пренамениме фреквентниот спектар за понапредни технологии како 4G и 5G, на тој начин останувајќи во чекор со светските индустриски трендови и обезбедувајќи поквалитетна, постабилна и побрза мрежа. Континуирано ја ширевме 5G мрежата, којашто е достапна за 92% од населението во Македонија, со гигабитни брзини во речиси сите градови во државата. Продолжи и надградбата на мрежата и зајакнувањето на мрежната инфраструктура за оптика, и денес имаме речиси 3 пати повеќе домаќинства покриени со оптичка инфраструктура во споредба со сите останати оператори на пазарот заедно.
Постојано работиме на развојот на современи иновативни решенија, воведувајќи нови технологии и алатки. Голем фокус е ставен на употребата на вештачка интелигенција (AI) во работењето, како и на нови решенија базирани на вештачка интелигенција. При тоа, покрај сите новитети, софтверски и технолошки надградби на мрежата, во 2024 година имавме и значителна работа на терен, поставувајќи ја инфраструктурата за мрежата на иднината. Во јули минатата година направивме пионерски чекор во развојот на телекомуникациската инфраструктура во земјата, со тоа што го поставивме првиот подводен кабел за оптика под површината на Дебарското Езеро. Кабелот се протега на должина од еден километар и обезбедува подобра мрежна стабилност во регионот.
Сѐ на сѐ, изминатата 2024 беше многу значајна година во поглед на остварување на целите за модернизирање и надградба на мрежата. Продолживме да инвестираме во сопствените капацитети и ја зацврстивме позицијата на лидер во примената на нови технологии за обезбедување најдобри телекомуникациски услуги во Македонија.